Рим се подготвува за дводневните протести
Рим денеска се подготвува за најавените дводневни протести заради кои многумина стравуваат дека ќе се повтори масовното улично насилство од пред две години, јавуваат италијански медиуми.
Протестите поради владините мерки за штедење и невработеноста ги најавија синдикатот КОБАС, а полицијата распореди повеќе од 4.000 свои припадници по сомневањата дека во здружението на работници има инфилтирано анархисти и провокатори.
Покрај тоа, за денеска целодневен штрајк најавија и вработените во јавниот транспорт, а се стравува и од судири вечерва на навивачи пред натпреварот меѓу Рома и Наполи на стадионот Олимпико. Италијански медиуми јавија дека во Рим ќе дојдат околу 8.000 навивачи на Наполи.
За утре е најавен протест на анархистички групи поврзани со движењето Окупирај кои планираат во Рим да организираат протестен камп. Ќе протестираат и противниците на изградбата на брза пруга северно од Торино кои во последно време се се порадикални.
Во Рим минатиот октомври беа одржани масовни протести во рамки на бунт ширум светот против корпорациите и мерките на штедење, а демонстрантите се судрија со полицијата, уништуваа продавници и банки и палеа автомобили.
