Рено му се додворува на Иран, отвора мегафабрика
Францускиот произведувач на автомобили Рено постигнал договор со Владата на Иран за отворање на фабрика во која ќе се произведуваат најмалку 150 000 возила годишно.
Европските компании вложуваат напори да добијат дел од иранскиот пазар бидејќи се укинати меѓународните санкции, додава агенцијата АФП.
Фабриката од 2018 година ќе ги произведува моделите „дастер“ и „симбол“.
Рено ќе биде мнозински акционер и по прв пат ќе има своја дистрибутивна мрежа во Иран, наведуваат во соопштението на компанијата.
Директорот на Рено-Нисан рекол дека побарувачката во Иран би можела да достигне два милиони автомобили во 2020 година, додавајќи дека тој пазар има „неоспорен потенцијал“.
Некои модели на автомобилите Рено во Иран се произведуваат уште од 1976 година, но со многу локални ограничувања, во голем дел со склопување од увозни делови и вградување на домашни мотори.
