РЕКОРДНО ВСЕЛУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Во 2022 земјата примила скоро милион и пол луѓе
Германија
минатата година забележа најголем прилив на население по војната, а најголем
број имигранти се бегалците од Украина, објави денеска Државниот завод за
статистика во Визбаден.
„Во 2022 година, 1.462.000 луѓе повеќе имигрирале во Германија отколку што емигрирале, а најголемиот број, околу 1,1 милион, биле државјани на Украина“, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика. Забележлив пораст на имиграцијата повторно е забележан од Сирија (68.000), Авганистан (55.000) и Турција (49.000).
Забавена имиграција од ЕУ
Во исто време, имиграцијата од земјите на Европската унија забави. Најголем број странци од Европската унија во 2022 година пристигнале од Романија (35.000), Полска (18.000) и Бугарија (13.000).
Последната статистика покажува и зголемена миграција во самата Германија.
Најголем прилив на жители е забележан во сојузната покраина Бранденбург, каде што 14.000 луѓе се преселиле од Берлин (кој е опкружен со Бранденбург), што е поврзано со се повисоките цени на становите во Берлин.
Кога станува збор за преселба во странство, германските граѓани најчесто ги избираат Швајцарија, Австрија и САД.
ФОТО: Unsplash/Ian Kelsall