Референдум за независност на Шкотска веројатно пред 2020
Претседателката на шкотската влада Никола Старџен денес изјавила дека е многу веројатно дека во Шкотска до 2020 година ќе биде одржан нов референдум за независност од Обединетото Кралство, откако британските граѓани на референдум во јуни одлучиле да го поддржат излегувањето од Европската унија.
На прашањето на новинари дали очекува втор шкотски реферерендум пред 2020 година, Старџен одговорила: „Мислам дека тоа е многу веројатно, имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓаме“, пренесе Ројтерс.
„Она што се случи после референдумот уште повеќе ме увери во тоа, повеќе отколку што бев уверена ден после референдумот“, истакнала таа.
Граѓаните на Шкотска на раферендумот на 23 јуни со мнозинство гласаа за останување во ЕУ, додека во Велика Британија како целина повеќето граѓани го поддржа излегувањето од тој блок.
Шкотланѓаните на референдум за независноста пред две години го отфрлија отцепувањето од Обединетото Кралство.
