Референдум во Чешка за членството во ЕУ и НАТО – бара Земан
Милош Земан, претседателот на Чешка повика земјата да одржи референдум за своето члeнство во ЕУ и во НАТО по референдумот на кој Британците гласаа за излез од унијата.
Земан нема законско право да свика референдум, но тој е влијателен лидер во земјата каде многу од гласачите се скептични за ЕУ.
„Јас не се согласувам со тие кои се за напуштање на ЕУ. Но, ќе стори се за да можат на референдум да се изјаснат. Истото се однесува и за изјаснувањето за излез од НАТО“, рече Земан, а пренесе чешкото радио.
Чешка е дел од унијата од 2004 година. По Брегзит слични најави за референдум имаше од повеќе европски земји. Во Франција Мари Ле Пен, политичарка од опозицијата се залага за референдум, но францускиот претседател Франсоа Оланд ја отфрли оваа можност.
