Расте црниот биланс во снежната катаклизма во САД: Дури 1,7 милиони луѓе се без струја (ФОТО)
Најмалку 32 лица загинаа во ледената бура што зафати
девет американски држави во последните денови, според новиот официјален биланс
на жртви. Многумина загинаа во сообраќајни несреќи поради мразот и слабата
видливост. Најлошо беше во градот Бафало во западната држава Њујорк, каде 13
лица загинаа во снежното невреме, а некои жртви беа пронајдени закопани во
автомобили или во снежни наноси.
Според гувернерката Кети Хочул, Бафало го погоди најтешкото невреме во историјата и градот функционира како воена зона, па жителите се‘ уште се повикуваат да останат дома и да не излегуваат. Сепак, многумина ги игнорираа предупредувањата и забраните за движење на патиштата, оставајќи стотици возачи заглавени во своите автомобили во снежната бура. Тие дури повикаа и припадници на Националната гарда да помогнат во спасувањето. Во снегот се заглавени и многу машини за чистење снег и друга опрема. За помош во спасувањето, властите апелираа и до жителите кои имаат моторни санки дома и можат да помогнат во операциите за пребарување.
Во екот на вонредната состојба, 1,7 милиони луѓе останаа без струја во текот на викендот, а многу летови беа откажани. Смртните случаи поврзани со временските услови беа пријавени и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо.
Во Монтана измериле минус 45 степени Целзиусови.
Во Канада најголем студ и снег има во провинциите Онтарио и Квебек, додека во западната провинција Британска Колумбија четворица патници загинаа во автобус кој излетал од патот поради мраз.
Youtube - screenhsoot
