Расте бројот на жртви во Иран - Напади врз гардата и полицијата
Според повеќе извештаји на иранските медиуми бројот на жртви во протестите и судирите кои избија преку ноќ пораснал за уште 9, односно убиени има и на двете страни, како застрелани демонстранти, така и убиени полицајци и припадници на Револуционерната гарда.
Дел од демонстрантите користеле ловџиски пушки и се обиделе да нападнат полициски станици за да се стекнат со автоматско оружје за да продолжат со протестите кои станаа насилни.
Претседателот на Иран, Хасан Рохани истакна дека го разбира гневот на народот за стагнацијата во економијата, но порача дека било каков бунт и незаконие ќе бидат спречени без двоумење.
Државните медиуми во Иран пренесуваат дека протестите се мотивирани од странски разузнавачки служби и провокатори, па така тешко е да се лоцира вистинската причина за незадоволството на демонстрантите, ниту пак дали има организирана структрура која ќе испрати свои барања за прикажаниот револт.
