РАДИКАЛЕН ПЛАН: Мерц ќе ја заостри миграциската политика
Германија e подготвена да ја заостри имиграциската политика.
Фридрих Мерц, претседателот на ЦДУ и кандидат за германски канцелар, претстави радикален план да обезбеди мнозинство за својата партија и сузбивање на влијанието на екстремно десничарската партија AfD, чија популарност значително порасна поради незадоволството на Германците од миграциската политика на сите претходни германски федерални влади.
Мерц претстави план од пет точки за заострување на миграциската политика, кој предвидува постојани гранични контроли со сите соседни земји и враќање на луѓето без валидни документи за влез. Toa ќе важи независно од тоа дали бараат заштита.
Дополнително, лицата од кои се бара да ја напуштат земјата треба веднаш да бидат приведени. Целта на планот е да се спречи илегалната миграција и да се зајакне јавната безбедност. Планот предвидува и стопирање на практиката на обединување на семејствата, односно странските државјани да добиваат германска виза врз основа на тоа што членовите на нивните семејства се веќе во Германија.
По смртоносниот напад со нож во Ашафенбург, Мерц повика на итен прекин на процесот за азил, што предизвика жестока политичка дебата.
Резултатите од истражувањето на Институтот за истражување на јавното мислење ИНСА ги објави најчитаниот германски медиум „Билд“.
Дури 66 отсто од испитаниците, две третини од нив, го поддржуваат предлогот на Мерц за „де факто забрана за влез“ во Германија за сите лица без валидни документи. Само 19 отсто, или секој петти, го отфрлаат планот на Мерц.
Барањето на ЦДУ/ЦСУ и ФДП за депортации во Авганистан наиде на големо одобрување кај германското население.
Околу 68 отсто од испитаниците рекле дека поддржуваат депортации во земја со која управуваат талибанците, иако таа не е класифицирана како безбедна земја на потекло. Само 19 отсто од испитаниците ги одбиле таквите депортации.
