РАБОТИ СВЕСТА: Во оваа земја децата не гинат на патиштата!
Од почетокот на 2015 година досега ниту едно дете помало од 10 години не го изгубило животот на патиштата во Норвешка, соопштува Советот за безбедност и сообраќај на таа земја, истакнувајќи дека таквиот резултат е постигнат пред се благодарение на свеста на граѓаните.
Ако продолжи ваквиот тренд и во декември, 2015 година би можела да биде забележана во историјата како прва година без настрадани деца на патиштата во Норвешка.
„Во текот на 1970 година во сообраќајни незгоди на патиштата загинале речиси 100 деца, а исто толку биле потешко повредени. Денес гледаме дека мерките како што се употреба на сигурносни појаси и детски седишта, намалена брзина , но и подобрена општа безбедност на автомобилите и патиштата даваат резултат и спасуваат живот“, изјавил директорот на норвешкиот Совет за безбедност на собраќајот , Јан Јоханесен.
Се наведува дека родителите во Норвешка стекнале свест за неопходноста да нивните деца бидат правилно врзани во автомобили но и деца помали од четири година е потребно да ги превезуваат во специјални седишта кои се свртени во спротивната насока од насоката на движење на автомбилот.
Заслугите за драстично намалување на бројот на загинати деца во текот на изминатите децении се препишува и на воведувањето на остри казни за небезбедно возење на деца во автомобилите, како и поголема употреба на заштитни кациги на велосипедистите, кои претставуваат значаен сегмент во патниот сообраќај во таа земја.
Не само што 2015 година во Норвешка може да се заврши без настрадани деца на патиштата, туку тоа би можело да биде и година со најмал број на загинати личности во сообраќај откако за тоа се води евиденција.
Заклучно со ноември, на норвешките патишта загинале 113 лица, додека во 2014 во сообраќајни незгоди смртно настрадале 147 лица. Најмалку Норвежани во сообраќајни незгоди загинале во 2012 година кога на патиштата настрадале 145 лица.
„Генерално, луѓето во Норвешка денеска имаат поголема свест за безбедноста во сообраќајот, а се возат и во безбедносни автомобили, и по подобри патишта отколку што беше тоа случај пред 10-15 години“, објаснува Јоханесен.
„Сепак, би рекол дека нема причини за прерано славење ако се знае дека оваа година настрадале дури 113 лица-тие 113 лица се премногу“, додал тој.
Се поставува прашањето: Кога ќе проработи свеста кај граѓаните на Македонија и кога би можеле да се пофалиме со намален број на загинати и настрадани лица ширум земјава?
Слично
