Путин за прв пат надвор од својата земја откако започна војната
Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со неговиот таџикистански колега Емомали Рахмон по неговото пристигнување во Душанбе рече дека му е мило што е во посета на пријателска земја.
„Многу ми е драго што сум на пријателската територија на нашиот сојузник во овој регион и во светот“, рече Путин.
Рускиот лидер се заблагодари за поканата, нагласувајќи дека средбата требало да се одржи порано, но дека поради пандемијата на коронарниот вирус „биле воведени ограничувања“.
„Се чини дека ситуацијата сега е подобра, поради што, како што беше претходно договорено, денеска имаме билатерална средба во главниот град на Таџикистан“, рече Путин,.
Путин утре ќе отпатува во главниот град на Туркменистан Ашгабат каде, како што е најавено, ќе присуствува на самитот на касписките држави со лидерите на Азербејџан, Казахстан, Иран и Туркменистан.
Ова е прво патување на рускиот лидер во странство откако нареди напад на руските сили врз Украина.
Последното познато патување на Путин надвор од Русија беше посетата на Пекинг на почетокот на февруари, каде што тој и кинескиот претседател Си Џинпинг потпишаа договор за пријателство „без ограничувања“, а претходно присуствуваа на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри.
