Путин со ултиматум: САД веднаш да ги повлечат војниците од Бугарија, Романија и балтичките земји
Рускиот претседател Владимир Путин побара од САД да ја намалат воената инфраструктура и контингенти во новите членки на НАТО (кои се приклучија по 1 септември 2000 година) - Бугарија, Романија и балтичките држави.
Москва побара уште од Вашингтон да прекине со „непријателската политика“ кон земјата, откако ќе и исплати отштета за штетата од американските санкции, како и компензација за загубите кои Русија ги понесе од сопствените контрасанкции. Ова се дел од условите на Путин за да ја обнови својата посветеност за уништување на збогатениот плутониум за воени цели, откако во понеделникот, тој со указ го поништи еднострано договорот на Русија со САД за преработка на плутониум.
- Веќе подолго време Русија го исполнуваше еднострано договорот, ја бранеше одлуката во понеделникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Сепак Министерството за надворешни работи додава дека Русија не се откажува од своите одговорности за нуклеарно разоружување и плутониумот нема да се користи за производство на нуклеарно оружје, односно решението е пред се политички сигнал. Според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров тоа е знак дека САД нема да постигнат ништо, ако зборуваат со Русија од позиција на силата, санкции и ултиматуми.
Договорот не е од најважните во разоружувањето на САД и Русија по студената војна, но неговото раскинување сепак има своја симболика.
- Декретот е сигнал дека и други зделки за соработка за нуклеарното разоружување меѓу САД и Русија се доведени во ризик, прокоментира американската консултантска компанија Stratfor, пријави Ројтерс. Според нив одлуката веројатно и обид да помогне да му се покаже на Вашингтон цената за прекинувањето на преговорите за Сирија и други прашања, како и да се потврди статусот на Русија како голема сила. Другиот важен момент е одбележувањето на зона, која Москва сака да биде под нејзино влијание, а тука Бугарија е вклучена меѓу другите поранешни републики на СССР.
Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест изјави дека одлуката на Русите е фрустрирачка, и додаде дека „сме прилично разочарани од голем број (неодамнешни) руски одлуки“, вклучувајќи анексијата на Крим и обновување на воените дејства во Сирија, кои „само ја продлабочија изолацијата на Русија во меѓународната заедница“.
Условите на Путин
Практично првпат Путин им се заканува на САД да се повлечат од Источна Европа со конкретни услови и последици (обновата на договорот), а барањата отцртуваат и експлицитно ексклузивна зона на интерес на Москва - Бугарија, Романија, Литванија, Латвија и Естонија. Барањето за повлекување на американските војници од овие земји де факто значи барање за повлекување на НАТО од нив.
Намалувањето на воената инфраструктура и контингентот од војници на САД во Бугарија, Романија и балтичките земји треба да го достигне нивото на кое било военото присуство на САД таму, пред влегувањето во сила на договорот, бара Русија. За Бугарија станува збор за објектите за заедничко користење со САД - две воено-воздухопловни бази („Безмер“ и „Граф Игнатиево“), полигон („Ново Село“) и магацини во Аитос. Во летото 2016 година договорот за нивно користење, кој овозможува за не повеќе од 90 дена да има до 5.000 американски војници и цивилни, стана на неопределено.
Вториот услов за „откажување од непријателска политика“ вклучува укинување на т.н. закон „Магнитски“, донесен во 2012 година, со кој се забранува влез во САД на голем број официјални лица кои се сметаат за одговорни за смртта во затвор на Сергеј Магнитски, како и укинување на клаузули против Русија во Законот од 2014 година, кој ја поддржува слободата во Украина.
Покрај тоа Путин инсистира на укинување на сите санкции воведени од САД за руски физички и правни лица, како и за добивање на компензација за американските санкции поради Украина и Крим и руските контрасанкции. Засега нема наведен износ од износот што го сака Путин, но поради финансиските санкции од втората половина на 2014 година до 2017 година Русија ќе изгуби 280 милијарди долари, вклучувајќи директни инвестиции во вредност од 85 милијарди долари, велат руските аналитичари.
Кој е тој договор и зошто е важен за САД
Договорот беше потпишан во 2000 година и предвидуваше Русија и САД да уништат 34 тони плутониум преку согорување во реактори. Тој влезе во сила во 2010 година, кога беше потпишан од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тогашниот американски министер за надворешни работи Хилари Клинтон. Договорот требаше да трае најмалку две децении, откако утилизацијата на плутониум требаше да започне во 2018 година. Идејата беше следнава - иако бројот на боеви глави беше намален, плутониумот може секогаш да биде искористен за ново зголемување на нуклеарниот потенцијал, затоа треба да се уништи.
Согорувањето требаше да се случи преку MOX технологија- специјално гориво кое е мешавина на оксидите на плутониумот и ураниумот. Русија изгради фабрика во Железногорск, кој ќе се заземе со задачата. Бидејќи методот е прилично скап, САД понудија друг пристап каде што плутониумот се меша со друг радиоактивен отпад и се „крие“ во земјата, наместо да се користи како гориво за други реактори. Русија смета дека со оваа опција плутониумот може да биде „ископан“ повторно во дадена фаза и да се користи за нуклеарно оружје.
Договорот се однесуваше сепак само за еден дел од сиот плутониум, кои двете страни го поседуваат - по 34 тони. Според Асошиејтед Прес, САД имаат околу 100 тони плутониум за воени цели, а Русија - 140 тони.
