ПУТИН СО НАСМЕВКА НА ЛИЦЕТО, „ДА ВИДИМЕ КАКО ЌЕ ЗАВРШИ НИВНАТА КОНТРАОФАНЗИВА“: Русија ќе одговори многу пожестоко
Рускиот
претседател Владимир Путин во петокот со насмевка ја отфрли украинската
контраофанзива и предупреди дека Русија ќе одговори посилно доколку нејзините
трупи бидат под дополнителен притисок.
По самитот на Шангајската организација за соработка во узбекистанскиот град Самарканд, Путин ја нарече инвазијата на Украина неопходен чекор за да се спречи, како што рече, заговорот на Западот да ја уништи Русија.
Москва не брза во Украина и нејзините цели не се менуваат, рече Путин.
„Властите во Киев објавија дека започнале и спроведуваат активна контраофанзивна операција. Да видиме како ќе се развива, како ќе заврши“, рече со насмевка Путин.
Тоа беше негова прва изјава откако руските сили избегаа од регионот Харков во североисточна Украина пред една недела, што предизвика невообичаено остри критики во јавноста од руските воени коментатори. Русија возврати со напад на украинската инфраструктура, вклучително и брана и снабдување со електрична енергија, а Путин предупреди дека овие напади може да ескалираат.
„Руските вооружени сили неодамна нанесоа неколку чувствителни удари. Да претпоставиме дека тие се предупредување. Ако ситуацијата продолжи да се развива вака, тогаш одговорот ќе биде посериозен“, рече тој.
Путин рече и дека Русија постепено ја презема контролата врз новите области на Украина.
„Планот не е подложен на прилагодување“, рече рускиот претседател на прашањето дали треба да го промени она што тој го нарекува „специјална воена операција“.
Генералштабот смета дека една работа е важна, друга споредна, но главната задача останува непроменета и таа се извршува“, рече Путин. „Главната цел е да се ослободи целата територија на Донбас“.
ФОТО: EPA