Путин сака да окупира што е можно повеќе украинска територија
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе не е заинтересиран за дипломатски напори за решавање на конфликтот и наместо тоа сака да окупира што е можно повеќе украинска територија, стои во извештајот на Фајненшл Тајмс.
Тројца информирани за разговорите со рускиот претседател кажале дека Путин минатиот месец сериозно размислувал за мировен договор со Украина. Но, веруваат дека тие сега се во „ќорсокак“.
„Путин беше против да потпише било што, бидејќи тогаш Москва нема да изгледа како победник, а тоа би било многу понижувачко“, вели еден од изворите.
На 24 февруари Русија ја нападна Украина, а досега има илјадници убиени. Над 5.2 милиони Украинци избегаа од земјата, а 1.1 милион се внатрешно раселени.
Преговарачки тимови од Русија и Украина неколку пати се состануваа, но досега немаше средба меѓу Путин и неговиот украински колега, Володимир Зеленски.
