Путин сака да ги забрза работите на еден важен проект
Рускиот претседател Владимир Путин со хеликоптер изврши увид на градежните работи за изградба на новиот космодром на рускиот далечен Исток, во близина на границата со Кина.
Космодромот во Восточњи треба да ја намали зависноста на Русија од казахстанскиот Бајконур и да ги овозможи идните мисии до Месечината и до Марс.
Изградбата на оваа вселенска лансирна станица е дел од плановите на Путин за модернизација и реформа на некогаш успешната вселенска индустрија на Русија, која во моментот е на колена заради огромните буџетски кратења и одливот на експерти во текот на 90-тите години на минатиот век.
„Нашата сопствена вселенска инфраструктура и мрежа на модерни космодроми ќе ни овозможи Русија да го зајакне статусот на водечка вселенска суперсила и ќе ја гарантира независноста на вселенските операции“, смета Путин,
Сепак, тој не е задоволен од динамиката со која се одвиваат градежните работи. Обраќајќи им се на надлежните за овој амбициозен проект, тој им предочи дека работите на космодромот доцнат речиси три месеци и дека бројот од 6.000 работници кои во моментот работат на изградбата е за половина помал од потребниот.
„Капацитетот на космодромот во иднина ќе се прошири за да може да се користи за програмите за истражување на Месечината, Марс и другите вселенски тела“, најави Путин.
Русија веќе вложи 100 милијарди рубљи (над две милијарди евра) во овој проект, а има намера да потроши уште 50 милијарди рубљи.
Слично
