Путин: Рано е да се зборува за офанзива на Русија против „Исламска држава“
Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека е избрзано да се зборува за учество на Русија во воени операции против терористичката група „Исламска држава“, откако претходно САД најавија дека ги проверуваат извештаите за руските војници во Сирија, забележува „Франс прес“.
Запрашан дали Русија може да учествува во операциите против „Исламска држава“, Путин изјавил: „размислувавме за различни варијанти, но засега тоа за кое зборувате, не е во нашата агенда“.
„Да се каже дека сме подготвени да го направиме тоа денес - засега е премногу рано да се зборува за тоа. Но ние веќе и нудиме сериозна помош на Сирија во форма на воена опрема и обука на војници, со наше оружје“, изјавил Путин.
Белата куќа во четвртокот изјавила дека ги проверува извештаите дека Русија спроведува воени операции во Сирија, предупредувајќи дека ако биде потврдено, тоа би било „дестабилизирачки и контрапродуктивно“.
Овие гласини кои се шират од неколку дена во блискоисточните весници, се разгорени од фотографии на социјалните мрежи. На нив се гледаат воен авион и дронови, а сопствениците на сликите тврдат дека машините се руски и фотографиите се направени во близина на Идлиб, во северна Сирија.
Според Путин американските воздушни напади во позициите на терористичката група не се особено ефикасни.
