Путин признал дека руската операција во Сирија е со поддршка на Асад
Целта на руските погоди во Сирија е за стабилизирањето на владата на сирискиот претседател Башар Асад. Тоа го коментирал претседателот на Русија, Владимир Путин за руската државна телевизија.
Путин додал дека Москва не планира копнена операција во блискоисточната земја.
Русија ја започна воздушната операција во Сирија на 30 септември. Оттогаш руските воздухопловни сили извршиле неколку десетици борбени мисии и повеќе од 100 воздушни напади, покажуваат податоците на руското Министерство за одбрана.
Во неделата руските воздухопловни сили ракетирале 63 цели на „Исламска држава“, помеѓу кои 53 жаришта, команден центар, 4 кампови и складишта за муниција. Во саботата биле ракетирани други 55 цели, со што Кремљ тврди дека меѓу нив се „главните и најголеми логистички центри“ на „Исламска држава“.
„Нашата задача е да ја стабилизираме легитимната влада и да создадеме услови за политички компромис“, коментирал Путин во интервјуто за „Россия 24“.
„Меѓународните терористи и нивните следбеници немаат желба да преговараат со сириската влада“, додал Путин. Тој додава дека кабинетот на Асад „е речиси под опсада“ во главниот град Дамаск.
Запрашан за можноста да започне и копнена операција во Сирија, Путин наведува дека таква операција нема да има „и нашите сириски пријатели го тоа знаат“.
Според рускиот претседател воздушните напади постигнале висок степен на прецизност благодарение на собираните информации од разузнавачки цели за подолг временски период. „Споредувавме различни информации кои ги добивавме. Специјалците од Генералштабот, во координација со сириските партнери и други земји во регионот, создадоа информативен центар во Багдад. Како резултат на размената на податоци добивме и дополнителни информации“, појаснил Путин.
„Она што се случува на небото и по копно, не е спонтана операција, туку исполнување на претходно подготвени планови“, додал тој.
Владимир Путин вели дека Москва нема причина да се приклучи на „нечија туѓа битка“. „Не станува збор за надворешната политика. Руската надворешна политика е мирољубива без никакво претерување. Ако ја погледнете светската карта и местото на Русија, очигледно е дека немаме потреба од странски територии и странски природни ресурси. Русија е доволна. Нема потреба да се бориме со никого и да влегуваме во конфликт“, истакнал Путин.
Путин ја критикуваше и американската програма за обука на умерените бунтовници, кои се главната опозиција на Асад.
Во меѓувреме, американскиот воен министер Ашин Картер признал дека се обучени многу помалку луѓе отколку што САД планирале да обучат. Уште во петокот, пак, беше јасно дека програмата за 500 милиони долари најверојатно ќе биде прекината.
