ПУТИН ПРИСТИГНА ВО КАЗАХСТАН: Ердоган ќе го претстави својот мировен план за Украина
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Казахстан, каде се сретaн со турскиот претседател Таип Ердоган, кој се очекува да ја претстави својата идеја за прекин на огнот во Украина. Путин присуствува на самитот на Конференцијата за соработка и градење доверба во Азија (CICA) во главниот град на Казахстан, Астана, на кој ќе присуствуваат повеќе азиски лидери, а најмногу внимание ќе биде посветено на средбата меѓу Путин и Ердоган. Според советникот на Путин, Јуриј Ушаков, турскиот претседател најверојатно за време на разговорите ќе ја претстави својата иницијатива за мир во Украина. - Во медиумите се пишува дека турската страна ќе изнесе конкретни предлози, а јас лично не ја исклучувам можноста Ердоган активно да се осврне на оваа тема во Астана. Значи, нè очекува многу интересна и, се надевам, корисна дискусија - изјави Ушаков.

Според медиумите, се очекува Ердоган официјално да ја понуди улогата на посредник во преговорите меѓу Русија и Украина, кои се очекува да се одржат во Истанбул или Анкара. Турција веќе двапати беше домаќин на средба меѓу Москва и Киев, но последниот пат беше во март и без успех.
Во август Турција, со учество на Обединетите нации, интервенираше во преговорите за деблокирање на извозот на украинското жито, кога Москва и Киев се договорија житото за сиромашните земји да може да се извезува од украинските пристаништа.
Турција, исто така, одигра голема улога во една од најголемите размена на затвореници меѓу Русија и Украина, која се одржа на 21 септември.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неколку дена отфрли секаква можност за разговори со Путин, но сега Ушаков му рече: „Никогаш не вели никогаш“.
Фото: EPA/ KAZAKHSTAN'S PRESIDENT PRESS SER
