Путин: Никогаш нема да се откажам од тврдењето дека Украинците и Русите се еден народ
Рускиот претседател Владимир Путин се обрати пред рускиот Совет за национална безбедност и кажа дека Украинците и Русите се еден народ.
Рускиот претседател додаде дека сè се одвива според планот и ги пофали руските војници нарекувајќи ги вистински херои.
„Никогаш нема да се откажам од тврдењето дека Украинците и Русите се еден народ, но ние се бориме против неонацистите кои имаат затвореници дури и од Блискиот Исток. Тие користат цивили и странци како жив штит. Заробија студенти на железничката станица во Суми, кинески студенти кои сакаа да го напуштат градот“, рече Путин.
Најави поддршка за семејствата на загинатите и ранетите за време на „специјалната операција во Украина“.
„Сите поставени цели се решаваат или успешно се постигнуваат“, рече Путин.
Вели руските сили обезбедиле хуманитарни коридори низ кои цивилите можат да избегаат, но дека украинските националисти ги блокираат.
Неговиот украински колега, Влодомир Зеленски го покани на преговори. Веќе осум дена се војува во Украина, откако на 24 минатиот месец, Русија ја нападна земјата.