ПУТИН НЕМА ДА ОДИ НА ДРЖАВНОТО ИСПРАЌАЊЕ НА ШИНЗО АБЕ ВО ЈАПОНИЈА - Крмљ допрва ќе одлучува дали ќе имаат претставници
Рускиот претседател Владимир Путин нема да учествува во државното испраќање на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, соопшти денеска Кремљ.
„Не, Путин не планира да ја посети Јапонија и да учествува на погребот“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој додаде дека Русија допрва треба да одлучи за присуството на нејзините претставници на државното испраќање.
Јапонската влада ги информирала сите земји со кои има дипломатски односи, вклучително и Русија, за државното испраќање, изјави денеска заменик-шефот на кабинетот на премиерот Јошихико Исозаки.
Јапонскиот весник Санкеи во саботата објави дека Токио се стреми кон тоа да не му дозволи на Путин да присуствува на церемонијата на 27 септември.
Абе беше убиен на предизборен митинг минатиот месец, настан што длабоко ја шокираше Јапонија.
Неговиот погреб беше одржан набргу потоа, но владата одлучи државната церемонија да се одржи на 27 септември во затворената арена Нипон Будокан во центарот на Токио.
