Путин му се заблагодари на Ким во Пекинг за помошта од севернокорејската армија
Рускиот претседател Владимир Путин денес му се заблагодари на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за храбрата борба на севернокорејските војници против украинските сили, објави Ројтерс.
„На ваша иницијатива, како што е добро познато, вашите специјални сили учествуваа во ослободувањето на Курскиот регион. Вашите војници се бореа храбро и херојски“, рече Путин на состанокот во Кина.
Севернокорејските војници ѝ помогнаа на Русија да ги истисне украинските сили од Курскиот регион во западна Русија претходно оваа година.
„Би сакал да нагласам дека никогаш нема да ги заборавиме жртвите што ги направија вашите вооружени сили, како и семејствата на вашите војници“, рече Путин.
„Во име на рускиот народ, би сакал да ви се заблагодарам за вашето учество во заедничката борба. Ве молам, пренесете ги моите најтопли зборови на благодарност до сите луѓе на Демократска Народна Република Кореја“, додаде тој.
Ким Џонг Ун му рече на Путин дека соработката меѓу двете земји значително се зголемила откако потпишаа договор за партнерство во јуни 2024 година и дека е подготвен да направи сè што може за да ѝ помогне на Русија.
Ким зборуваше на билатералната средба со Путин во Пекинг, одржана како дел од прославата на годишнината од формалната капитулација на Јапонија во Втората светска војна.
Според видео објавено од Кремљ, Путин го поканил Ким да ја посети Русија откако разговарал со него во Пекинг, пренесува Ројтерс.
Путин беше прегрнат од Ким при разделбата по разговорите што траеја два и пол часа.
