Путин ќе ја признае независноста на Доњецк и Луганск, вели дека Русија ја создала модерна Украина
Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја признае независноста на сепаратистичките региони во Украина, Доњецк и Луганск, кои од 2014-тата година се под контрола на про-руските сепаратисти. Кажа дека во источна Украина, безбедносната состојба е критична.
Вели дека Русија ја создала модерна Украина. Путин го критикуваше поранешниот комунистички лидер Ленин, нарекувајќи го „автор и архитект“ на Украина. Путин вели дека со тоа ја „обесправил“ Русија.
„Модерна Украина е создадена од Русија, болшевичка Русија. Денешна Украина може да го носи името на Владимир Илич Ленин, тој ја создаде“, рече Путин во ТВ-обраќањето.
Оваа одлука на Путин би му овозможила да отворено испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе се во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.
„Украина не е само наша соседна земја. Таа е нераскинлив дел од нашата историја, во која живеат нашите пријатели и роднини“, рече Путин.
Доколку ги признае двете самопроглаасени републики во источна Украина, Европската унија најверојатно ќе воведе санкции против Русија.
