Путин и нареди на руската индустрија да го зголеми производството на оружје
Рускиот претседател Владимир Путин денеска им нареди на властите да го зголемат производството на оружје во услови на борби во Украина, осудувајќи ги напорите на САД да ја задржат својата глобална доминација.
Говорејќи при примањето на акредитивните писма од странските амбасадори во Москва, Путин рече дека „развојот на мултиполарен свет се соочува со отпор од оние кои се обидуваат да ја задржат хегемонијата во глобалните односи и да контролираат сè - Латинска Америка, Европа, Азија и Африка“, пренесе АП.
Тој додаде дека „хегемонот успева во тоа многу долго, но и тоа не може да трае вечно, без оглед на настаните во Украина“.
Путин во неколку наврати ја оправдуваше својата одлука да испрати војници во Украина како одговор на наводното навлегување на Западот врз виталните безбедносни интереси на Русија.
Рускиот лидер ги опиша западните санкции против Русија поради нејзината акција во Украина како дел од напорите на САД и нивните сојузници да ги зајакнат своите позиции, но исто така изјави дека тие имале реакција против нивните иницијатори, а попатно влијаеле и на сиромашни земји.
„Што се однесува до Русија, ние нема да отстапиме од нашиот суверен курс“, рече Путин.
Говорејќи подоцна за време на одделен состанок за воената индустрија, тој истакна дека руското оружје покажало висока ефикасност за време на борбите во Украина и им порача на властите брзо да ја засилат работата на воената индустрија.
„Нашата опрема ефикасно се спротивставува на западните типови на оружје“, рече Путин, додавајќи дека практично сите расположливи резерви на оружје за НАТО се доставени за поддршка на сегашниот режим во Киев.
Путин додаде дека Русија треба да го проучува западното оружје за да го подобри сопствениот арсенал.
„Можеме и мораме да научиме за тоа оружје и за сè што тие имаат и користат против нас за квалитативно да го зголемиме нашиот потенцијал и да ја подобриме опремата и оружјето онаму каде што треба да го направиме тоа“, рече тој, пренесе Танјуг.
Путин, исто така, рече дека наредил да се зголемат трошоците за ново оружје, како и да се понудат повеќе заеми за воената индустрија и дополнителни плаќања на нивните работници за да се зголеми производството на оружје.
„Структурите на воено-индустрискиот комплекс мора да го испорачаат потребното оружје и опрема во најкус можен рок“, рече рускиот претседател.
