Путин го зеде „под свое“ рускиот Фејсбук?
Павел Дуров, основачот на најпопуларната социјална мрежа во Русија - Вконтакте тврди дека е отпуштен од работа и оти неговиот сајт го презеле соработници на рускиот претседател Владимир Путин.
Дуров претходно ги одби барања од руските власти да се цензурираат објавите на оваа социјална мрежа. Властите побарале од него да им ги достави деталите за Украинците кои ја користат оваа социјална мрежа за да организираат групи за антивладините протести во Киев. Исто така побарале Вконтакте да затвори група за поддршка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Сите барања Дуров ги одбил. „Денеска бев отпуштен од позицијата генерален директор во Вконтакте. Интересно е дека акционерите немаа храброст да го направат ова директно, туку за отказот разбрав од медиумите. Од денеска Вконтакте е во потполна контрола на Игор Сечин и Алишер Усманов. Веројатно, во руски услови ова беше неизбежно, но среќен сум што издржавме 7,5 години“, рече Дуров. Сечин е главен извршен директор на руската нафтена компанија Роснефт и еден од најблиските соработници на Путин. Усманов е најбогатиот човек во Русија според „Форбс“, а своето богатство го направил во бизнисот со железо и челик. До неодамна имаше свој удел и во Фејјсбук, а во руската социјална мрежа Вконтакте контролира поголем пакет преку неговата интернет компанија Mail.ru. Интересно е што на 1-ви април Дуров објави дека се повлекува од компанијата, но два дена подоцна оставката ја повлече со образложение дека станувало збор за првоаприлска шега. Од Вконтакте велат дека постапуваат согласно оставката која Дуров официјално ја депонирал во компанијата на 21 март и која според нивното сознание не е повлечена. Инаку, Дуров ја напуштил Русија и изјавил дека нема намера да се врати таму. „За жал во оваа земја е невозможно да се има интернет бизнис во моментот“, рекол тој. Вконтакте има над 100 милиони корисници.
Слично
