Путин ги омекна санкциите против Турција
Откако дипломатските односи меѓу Русија и Турција се нормализираа претседателот Владимир Путин донесе одлука да се омекнат дел од санкциите кои беа наметнати во 2015-та. Тогаш Русија беше гневна бидејќи Турција собори руски воен авион чиј пилот загина извршувајќи мисија над сириското небо каде оперираат џихадистички групи.
Русија донесе одлука да се тргнат санкциите за патување на одредени категории на турски граѓани кои ќе може да патуваат без потреба од виза, а меѓу нив спаѓаат дипломати, пилоти и бизнисмени.
Исто така се враќа дозволата за увоз на одредени видови зеленчуци од Турција, но не и на домати бидејќи руските земјоделци во изминатите две години вложиле многу средства за да го развијат домашното производство. Се очекува овој гест на добро волја да добие позитивен одговор и од властите во Анкара.
