Путин: Евреите кои не се чувствуваат безбедно во Европа, да се преселат во Русија
Евреите од земјите во Европа да се преселат во Русија, бидејќи така ќе бидат на сигурно место.
На ова повика претседателот на Русија Владимир Путин, откако се сретна во Кремљ со делегација на Европскиот еврејски конгрес. Тој нагласи дека Москва ја смета организацијата како природен сојузник во борбата против антисемитизмот.
Според Путин Европскиот еврејски конгрес се бори многу ефикасно против појавите на ксенофобија и на крајните дејствија на нетолеранција.
Според него, тој е директен партнер за зачувување на споменот од Втората светска војна, без да се искривуваат историските факти поврзани со холокаустот, кои Путин ги опиша како „катастрофа од општочовечки карактер“.
Рускиот претседател се заблагодарил и за активностите на Европскиот еврејски конгрес дека запираат „отворено и без дилеми“ секакви дејствија на режимот на нацизмот и фашизмот.
Одговарајќи на реплика на шефот на Европскиот еврејски конгрес Вјачеслав Кантор за лошата и несигурна положба на Евреите денес во Европа, кои се подложени на притисок, Владимир Путин им предложи на Евреите, кои не се чувствуваат безбедно во Европа, да се преселат во Русија. „Да дојдат кај нас. Од Советскиот Сојуз си заминаа, сега нека се вратат“, рекол рускиот претседател цитиран од електронските медиуми во Москва.
Во одговор Вјачеслав Кантор изјавил дека „тоа е принципиелно нова фундаментална идеја“ и ветил дека задолжително ќе ја разгледа на конгресот на организацијата.
