ПУТИН БАРА ВО УКРАИНА ДА ИМА ПРЕОДНА ВЛАДА КОЈА ЌЕ ЈА ВОДИ ООН: Aмериканците брзо му одговорија
Претседателот на Русија, Владимир Путин има необично барање за Украина.
Путин предложи привремена украинска влада предводена од Обединетите нации да организира нови избори, пишува „Гардијан“. Неколку часа подоцна Кремљ појасни дека Путин не ја покренал оваа идеја во неодамнешните телефонски разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Под покровителство на Обединетите нации, со Соединетите Држави, дури и со европските земји, и, се разбира, со нашите партнери и пријатели, би можеле да разговараме за можноста за воведување привремено управување во Украина“, изјави Путин.
Тој вели дека идејата ќе биде да ѝ се дозволи на Украина да „одржи демократски избори, да донесе на власт одржлива влада која ја ужива довербата на народот, а потоа да почне преговори со нив за мировен договор“, иако тој подоцна изјави дека тоа е само „една од опциите“.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа ги отфрли коментарите на Путин, велејќи дека владеењето во Украина е определено со нејзиниот Устав.Од Украина нема коментар во врска со изјавата на Путин. Путин вчера рече дека има причина да се верува дека руските трупи „ќе ги завршат украинските вооружени сили“.
Руските воени блогери објавија дека украинските сили упаднале во Белгород во Русија.
Во новиот извештај на Сојузната разузнавачка служба на Германија (БНД) и Бундесверот се наведува дека руските власти најверојатно се спремаат за сеопфатна војна против НАТО.
