ПУКАЊЕ НА АЕРОДРОМОТ ДАЛАС: Приведена е жената која пукала
На аеродромот во Далас, Лав Филд во Тексас денеска се случил инцидент кога жена испукала неколку истрели во воздух, по што интервенирала полицијата и ја привела, соопшти полицијата во Далас.
Инцидентот започнал околу 11 часот кога 37-годишна жена пристигнала на аеродромот и се приближила до шалтерот за билети, изјави началникот на полицијата во Далас, Еди Гарсија, пренесе Си-Ен-Ен.
- Таа потоа отиде во тоалет, а малку подоцна излезе со качулка, извади огнено оружје и почна да пука, очигледно нишани во таванот, изјави Гарсија.
Полицаецот кој интервенирал на лице место пукал во долниот екстремитет на жената напаѓач, ја неутрализирал и таа е приведена и сега е во болница.
Инцидентот предизвика хаос на аеродромот и паника меѓу патниците, но нема повредени, изјави Гарсија.
Видеото од мобилен телефон објавено од NBC 5 покажува патници како лежат на подот или се кријат зад аеродромските столчиња за време на пукањето.
