Пучдемон: Кризата во Каталонија ќе ескалира ако Шпанија ја преземе контролата
Кризата околу референдумот за независност ќе ескалира, ако Шпанија ги исполни плановите да наметне своја власт над регионот. Ова го изјави каталонскиот лидер Карлес Пучдемон. "Овозможување на она што беше определено од Владата како вонредна сериозна ситуација, ќе создаде уште посериозна вонредна ситуација, преку одземањето на каталонската политичка автономија", пишува во писмото на Пучдемон до Сенатот, кој во петокот, 27 октомври, ќе ги одобри мерките за суспендирање на автономните овластувања на Каталонија.
Пучдемон и неговиот политички тим спроведоа седемчасовен маратон состаноци со регионалните пратеници и раководителите на граѓанските организации, за да се обидат да усогласат заеднички став за мерките кои треба да бидат преземени во спорот со Мадрид, забележува шпанскиот национален дневен весник El Pais.
Долгата серија состаноци започна во 21 часот (по локално време) во средата и заврши два часа по полноќ. Официјални изјави сепак не следеа - ниту еден од лидерите кои учествуваа на средбата, не изрази подготвеност да даде јавни изјави, коментираат од редакцијата на истиот медиум.
Подоцна во четвртокот регионалниот парламент во Барселона се собира на клучна седница на која ќе разговара за следните чекори кои ќе бидат преземени во спорот со централната власт.
Истовремено во Мадрид е во тек подготовка на гласањето во Сенатот за укинување на автономните овластувања на регионот, закажано за петок, 27 октомври.
