Прво го евакуиравме пивото, а потоа луѓето, вели германска политичарка
Германска политичка партија упати критика за повлекувањето од Авганистан. Фијаското во Авганистан за германската Левица е потврда дека треба да се прекине со воените интервенции, изјавила за "Deutsche Welle" шефицата на споменатата партија, Жанин Вислер.
„Мислам дека имаме срамен однос кон локалниот персонал кога гледаме дека од Авганистан најпрво се префрлени 65.000 литри пиво, а на цедило се оставени луѓето кои работеле за Бундесверот и другите германски институции, активистите за правата на жените, активистите за човекови права“, рекла таа.
Германското министерство за развој ги сопрело исплатите за Авганистан, што би можело тешко да го погоди талибанскиот режим. Германија, после САД, била најважен давател на развојна помош за Авганистан. Само за оваа година биле планирани 375 милиони евра за соработка со авганистанските власти, како и уште 75 милиони за проекти за цивилното друштво. Сега, од сето тоа, би требало да остане само хуманитарната помош од 100 милиони евра.
