ПРОТЕСТИТЕ НЕ СТИВНУВААТ: Националната гарда распоредена во Фергусон!
Во САД продолжуваат протестите и насилствата заради спорната судска одлука за неповедување постапка против полицаецот кој летоска уби невооружан тинејџер со афроамериканско потекло.
Полицаецот Дарен Вилсон кој во август го уби тинејџерот Мајкл Браун во интервју за американската телевизија Еј-Би-Си изјави дека неговата совест е мирна и дека добро си ја одработел својата работа.
Тој нагласил дека верувал оти Браун може да го убие ако не реагира. На прашањето дали би постапил исто ако Браун беше белец, Вилсон одговорил: „Да, нема сомнение“.
Повеќе илјади демонстранти незадоволни од судската одлука и ноќеска излегоа на улиците во повеќе американски градови, од Њујорк до Лос Анџелес. Само во Фергусон, кој е епицентар на расните демонстрации, во текот на ноќта биле уапсени 44 лица.
Фергусон, кој е предградие на Сент Луис, има околу 20-тина илјади жители, а од ноќеска таму се распоредени и 2.200 припадници на американската Национална гарда, кои треба да ги спречат евентуалните идни немири.
Американскиот претседател Барак Обама уште еднаш го осуди насилството на улиците.
„Палење на згради, автомобили, уништување на имот, доведување на други луѓе во опасност - за тоа нема оправдување, тоа се криминални дела“, рече Обама. Според него има други, поконструктивни начини да се изрази незадоволството, иако признал дека во повеќе заедници во САД постои чувство оти законите не се применуваат исто за секој.
Слично
