Протести во Рим поради мерките за штедење
Илјадници луѓе протестираа денеска во Рим поради политиката за штедење и големата невработеност, барајќи од новиот премиер Енрико Лета да се осврне кон отворање нови работни места, со цел земјата да излезе од рецесија.
- Се надеваме дека оваа влада конечно ќе почне да не слуша, бидејќи полека го губиме трпението, изјави Енко Бернардис, еден од демонстрантите кои носеле црвени знамиња и транспаренти на кои пишувало „Не можеме повеќе да чекаме“ и „Ни требаат пари за живот“.
Италијанскиот премиер Лета се обидува да ја одржи тешко формираната коалиција меѓу неговата Демократска партија на левиот центар и Народ на слободата на десниот центар, партија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.
Дека довербата во Владата се намалува веќе по еден месец, покажуваат и резултатите од истражувањето на институтот СВГ, според кои поддршката на граѓаните за новиот Кабинет се намали од 43 на 34 отсто.
Синдикалните лидери сметаат дека Лета мора да отстапи од планот за штедење на неговиот претходник Марио Монти, кој воведе остри мерки за штедење, ги зголеми даноците и започна пензиска реформа.
Италија се наоѓа во најдолгата рецесија од 1970 година, а стапката на невработеност меѓу младите изнесува дури 38 проценти.
