Протести во Бразил, поскапува јавниот превоз
Жителите на бразилскиот град Сао Паоло протестираат веќе неколку вечери, откако градот одлучи да ја зголеми цената на билетите за автобусите на јавниот превоз и за метрото. Како што пренесува БиБиСи, за време на протестите веќе има и насилство.
Зголемувањето на цената на билетите е мало, од 3 реали (1,40 долари) до 3.20 реали (1,50 долари), но протестите го прикажуваат се поголемото јавно незадоволство кон инфлацијата и криминалот во Бразил.
Протестите започнаа да се шират и во други градови во земјата, меѓу кои Рио де Жанеиро и Порто Алегре. Над 200 лица се уапсени, а полицијата употребува гумени куршуми и солзавец против демонстрантите.
Во главниот град Бразил имаше протести и против започнатиот фудбалски турнир за Купот на Конфедерации. Демонстрантите сметаат дека потрошените пари за организацијата на настанот, можеле да бидат употребени за нешто покорисно.
Слично
