Протекоа тајни документи кои откриваат што САД му нуди на Путин
Протекоа тајни документи за тоа што САД и НАТО ѝ нудат на Русија.
Шпанскиот весник Ел Паис објави тајни документи за договорот на Соединетите Американски Држави и НАТО, во кои се наведува дека клучните барања на Русија во врска со ширењето на западниот воен блок на исток формално се отфрлени. Се споменува намерата на САД и НАТО во следниот период да разговараат со Русија за одделни барања, како и можноста за соработка во одделни области.
Според објавените документи, НАТО нуди општа транспарентност и мерки за изградба на доверба, како размена на извештаи за меѓусебните воени вежби, консултации, воспоставување телефонска линија за цивили и повторно воспоставување на соодветните мисии во Москва и Брисел.
Вашингтон вели дека е спремен да разговара за „реципрочните обврски и Соединетите Американски Држави и Руската Федерација да се воздржат од распоредување копнени ракетни системи и постојани сили со борбена мисија на територијата на Украина“.
Што се однесува до американските и НАТО силите во Источна Европа, нивното моментално распоредување било „ограничено, пропорционално и целосно во согласност со обврските според Основачкиот акт НАТО-Русија“, се наведува во документот, додавајќи дека сојузниците „ќе го зајакната одбранбениот став“ ако Русија ја нападне Украина. Америка е спремна да ги продолжи разговорите за контрола на стратегиското вооружување со Москва, вклучувајќи ги ограничувањата во разместувањето на балистички проектили и нуклеарни бомбардери. Русија негираше дека има планови за напад на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека пишаните одговори испратени на Москва покажале дека Вашингтон не ги почитува „фундаменталните“ безбедносни грижи на Русија. Слични забелешки имаше и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Путин вечерва телефонски ќе разговара со британскиот премиер Борис Џонсон за две клучни теми: решавање на украинската криза и безбедносните гаранции.
