ПРОТЕКОА ДОКУМЕНТИ ЗА НОВИОТ ПАКЕТ САНКЦИИ КОН РУСИЈА: На мета е руска компанија, но не се согласуваат сите земји од ЕУ
Европската комисија почна да работи на 11-тиот пакет санкции против Русија, чија цел треба да биде нуклеарната индустрија. Минатата недела Европската унија почна да работи на подготовка на нов пакет санкции, а на затворениот брифинг одржан во петокот, амбасадорите и претставниците на ЕК разговараа за деталите од тој пакет.
EURACTIV побара коментар од неколку претставници на ЕУ, кои одбија да се обврзат на проценка кога ќе стапи на сила 11-тиот пакет санкции против Русија . Најверојатно тоа нема да се случи до крајот на април.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен , претходно најави дека единаесеттиот пакет санкции ќе има за цел да се справи со начините на кои Русија ги избегнува постоечките ограничувања. Но, дипломатите од источна Европа сметаат дека тоа не е доволно и дека новиот пакет треба да зададе посилни удари.
Балтичките земји и Полска претставија ажуриран предлог на 11-тиот пакет санкции, а ЕУРАКТИВ имаше пристап до тој документ. Тоа сугерира на мета да биде руската државна нуклеарна компанија Росатом .
„Европската унија може да го таргетира Росатом со ограничување на увозот на нуклеарно гориво, запирање на нови инвестиции во електрани и ограничување на извозот во Русија што ќе придонесе за оваа индустрија“, наведуваат овие држави. Главна цел би биле директорите на Росатом.
Америка и Велика Британија веќе ги замрзнаа средствата и му ги укинаа важечките визи на Олег Романенко , директорот на нуклеарната централа Запорожје, која Русите ја запленија минатиот март. Оттогаш, Росатом управува со најголемата нуклеарна централа во Европа, а Западот е сè позагрижен дека таа се користи како воена база, со што се зголемува ризикот од нуклеарна катастрофа.
Најголем отпор кон овој пакет може да дојде од петте земји од ЕУ кои работат со нуклеарни реактори произведени во Русија, за кои нема алтернатива . Шест од нив се наоѓаат во Чешка, пет во Словачка и по две во Финска и Бугарија. На долг рок, забраната за увоз од Русија може да создаде голем проблем. Германија и Франција се обврзани со договори за Русија, од каде што купуваат збогатен ураниум во вредност од 452 милиони евра во 2022 година. За нив, протечениот документ, до кој ЕУРАКТИВ имал пристап, предвидува период на ослободување од две години.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел , минатиот месец изјави дека Европската унија „речиси ги исцрпила“ можностите за санкции против Русија и дека треба да го префрли фокусот на своите напори на поголема воена и финансиска поддршка за нападната Украина.
(EURACTIV.rs)
