Проститутките во Амстердам излегоа на протест
Стотици проститутки излегоа денеска на улиците на Амстердам дa протестираат против плановите на градските власти да ги затворат борделите во соседството со црвените фенери во кои соодветно облечени заштитнички на љубовта позираат за да привлечат муштерии, пренесува „Асошиејтед прес“.
Околу 200 претставнички на најдревната професија и нивните приврзаници, скриени зад маски, за да го прикријат својот идентитет, поминаа низ соседството со црвени чадори во рацете.
Демонстрантите стигнаа до градскиот совет, каде му ја предадоа петицијата на градоначалникот Еберхард ван дер Лун во која нагласуваат дека затворањето на излозите ги лишува од безбедно место за работа. Незадоволството е против започнатиот проект за реновирање на населбата, кој предвидува затворање на многу од излозите на борделите.
Во последните години 115 од вкупно 500 места веќе беа затворени.
