Продажбата на „Фолксваген“ го достигнаа најниското ниво во последните 11 години
Продажбата на „Фолксваген“ го достигна најниското ниво во последните 11 години, соопшти „ББС“.
Минатата година се продадени 4.8% помалку автомобили, главната причина е скандалот со изманипулираните резултати за штетните гасови на дизел автомобилите на компанијата.
Лошата вест за автомобилскиот концерн е дека главниот одраз на скандалот ќе дојде допрва, бидејќи тој беше откриен во септември минатата година. Испораките на автомобили во октомври 2015 година беа за 5,3% помали во однос на истиот месец од претходната година. Продажбата за ноември е со 2.4% послаба на годишна основа, а во декември - за 7.9% помалку.
Главниот одлив на клиентите е во САД и Кина, кои се двата најважни пазари за компанијата. Вкупно за 2015 година се доставени 5.82 милиони автомобили, наспроти 6.12 милиони во 2014 година.
Сепак од „Фолксваген“ остануваат оптимисти и веруваат дека компанијата брзо ќе се справи со проблемот. Инженерите на „Фолксваген“ веќе имаат воспоставено каталитички конвертор кој може да биде монтиран на околу 430 000 автомобили во САД, за да се реши проблемот со манипулација на податоците за штетните емисии, соопшти весникот „Билд ам Зонтаг“.
Конверторот ќе биде ставен на автомобилите со дизел мотор „ЕА 189“ од првата генерација, наведува весникот, без да ги наведува изворите. Информиран извор навел за „Ројтерс“ дека предлогот за техничко решение на Фолксваген вклучува нов систем на каталитичката конверзија, дел кој е направен од различни материјали.
Идејата ќе треба да биде одобрена од американската Агенција за заштита на животната средина (EPA). Главниот извршен директор на Фолксваген, Матијас Милер се надева дека ќе го убеди раководството на екоагенцијата на состанокот во среда (13 јануари) во Вашингтон, дополнува весникот.
