Економија, финансии, бизнис

Контакт

Прифаќаат одговорност: Оставки во Шпанија затоа што нарачале возови кои се премногу широки

Прифаќаат одговорност: Оставки во Шпанија затоа што нарачале возови кои се премногу широки

Вредноста на нарачаните возови за регионите Кантабрија и Астурија изнесува 258 милиони евра

Шпанскиот државен секретар за транспорт, Изабел Пардо де Вера, поднесе оставка откако беше откриено дека возовите, кои беа пуштени во употреба за два шпански региони, се премногу широки за да поминат низ некои тунели. Покрај неа, оставка поднел и директорот на железничката компанија „Ренфе“ Исаис Табоа, пренесува Гардијан.

Вредноста на нарачаните возови за регионите Кантабрија и Астурија изнесува 258 милиони евра. Железничкиот оператор „Ренфе“ пред три години најави дека планира да го модернизира возниот парк со возови со тесен и среден колосек во Астурија и Кантабрија.

Минатиот месец, сепак, беше откриено дека возовите што се градат според договорот ќе бидат премногу широки за да минуваат низ некои од тунелите во двата региона.

Регионалниот претседател на Кантабрија, Мигел Анхел Ревиља, повика на итна акција, додека Адријан Барбон, претседателот на соседна Астурија, рече дека е „збунет, лут и разочаран“.

Премерот Педро Санчез се обиде да го смири гневот на јавноста со најава дека патувањето со воз на астуриската и кантабриската мрежа ќе биде бесплатно додека новиот возен парк не стапи во употреба на почетокот на 2026 година.

- Од моментот кога дознав за оваа работа, направив се‘ што можев за да дознаам што се случило и да најдам решение. Од самиот почеток ја прифативме одговорноста, се извинивме, ја препознавме грешката и утврдивме одговорност. Почнавме и внатрешна ревизија и составивме работна група за да најдеме решение и да ја забрзаме изградбата на возовите што е можно повеќе - изјави за новинарите шпанската министерка за транспорт Ракел Санчез.


Фото: unsplash

Слично

Поврзани вести