Преселуваат цело село поради климатските промени
Со години слушаме, читаме за климатските промени, но за повеќето луѓе тие сè уште се апстрактна закана. За жителите на едно мало село на север од Атлантикот, сепак, таа иднина веќе пристигна и целосно им го промени животот.
Станува збор за Микелон, село со околу 600 жители, кое е со само два метри надморска височина. Поради покачувањето на нивото на океанот и сè почестите бури, ова место се соочува со реална опасност да биде потопено во наредните децении. Решението што беше усвоено звучи радикално, но неизбежно: преместување на целото село.
Иако се наоѓа на северноамериканскиот континент, јужно од канадскиот Њуфаундленд, архипелагот Сент Пјер и Микелон политички и административно ѝ припаѓа на Франција. Неговите жители имаат француско државјанство, го користат еврото, гласаат на француските избори и живеат според француските закони, илјадници километри оддалечени од Париз. Морето во последните децении станало сериозна закана.
За време на обилни дождови и бури, Микелон е веќе поплавен. Научните проценки покажуваат дека до крајот на векот, нивото на морето би можело да се искачи до еден метар, што би значело постепено исчезнување на селото. Прво, беше забранета секоја нова градба, што практично ја замрзна иднината на местото, а потоа беше донесена одлука за преместување.Дополнителен аларм беше речиси директното влијание на ураганот Фиона во 2022 година, по што стана јасно дека чекањето повеќе не е опција.
Новата локација не е далеку од сегашното село, туку на 40 метри надморска височина, што е доволно морето повеќе да не ја диктира судбината на заедницата. Таму се гради нова населба, додека старата сè уште функционира, пренесува bizlife.
Планот е годишно да се преселуваат седум до осум домаќинства, а проектот е финансиран од Франција. Жителите кои ќе одлучат да се преселат имаат три години да изградат нови куќи. Училиштето, општината и другите јавни институции ќе останат на старата локација додека селото не биде целосно преместено.
