ПРЕМИНАТА ЦРВЕНА ЛИНИЈА: Руски воен конвој влегол во Украина?
Група западни новинари сведочат дека руски воен конвој влегол во Украина вчеравечер, објавуваат британските весници Телеграф и Гардијан.
Новинарите забележале колона од 23 оклопни транспортери со цистерни за горива и други придружни возила, со официјални воени руски регистарски таблички. Конвојот ја преминал границата со Украина преку отвор низ бодликавата жица.
Влезот бил извршен ноќно време, во близина на рускиот град Доњецк, кој се наоѓа на околу 200 километри источно од украинскиот град со исто име, во област во која Киев нема контрола врз сопствената граница.
Британските медиуми коментираат дека овој конвој тешко дека може да се смета за вистинска инвазија од руска страна, но е потврда дека руските воени сили ја преминуваат границата и влегуваат во Украина за да ги помагаат проруските бунтовници.
„Ова е неспорен доказ на она што во Украина веќе долго се трвди-дека руски сили се активни внатре во нејзините граници“, пишува Гардијан.
И додека воените сили без проблем и преку диви премини ја преминуваат руско-украинската граница, хуманитарната помош чека. Рускиот конвој со хуманитарна помош од 280 камиони наменет за Луганск застана на руска страна пред границата. Украина инсистира дека конвојот може да влезе само под закрила на меѓународни организации, затоа што стравува дека Москва може да го искористи конвојот за инвазија.
Слично
