Премиерот на Гренланд се жали дека Русија агресивно се однесува, бара заштита
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен изјави дека постојат „црвени линии“ кои не смеат да се преминат во разговорите со Соединетите Американски Држави(САД), нагласувајќи дека иднината на островот не е предмет на преговори. Тој призна дека е неопходно дополнително зајакнување на безбедноста во регионот поради, како што рече, сè поагресивното однесување на Русија.
Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен денеска престојуваа во Париз, каде што се сретнаа со францускиот претседател Емануел Макрон, во обид да обезбедат поширока европска поддршка по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака САД да преземат контрола врз арктичкиот остров, кој со векови е дел од Кралството Данска.
„Под сериозен притисок сме. Се обидуваме да се справиме со стравот кај нашите граѓани“, изјави Нилсен на јавна трибина на Универзитетот Sciences Po во Париз, додавајќи дека регионот мора да добие поголем безбедносен надзор поради руските активности на Арктикот.
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека светскиот поредок е трајно променет и дека Европа мора да стане посилна, но истовремено нагласи дека трансатлантското единство останува клучно, бидејќи, според неа, Русија не покажува волја за мир.
„Ако ѝ дозволиме на Русија да победи во Украина, таа нема да застане тука“, порача Фредериксен, додавајќи дека најдобриот пат за Европа и САД е да останат заедно.
САД и Гренланд преговараат на дипломатски ниво.
Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека од безбедносни причини островот им е потребен.
Сепак, Гренланд има и многу минерали.foto printskrin youtube
