Премиерот на Гренланд одговори кого ќе бираат меѓу САД и Данска
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен рече дека неговиот народ би ја избрал Данска пред САД ако биде ставен во таа позиција, пренесе „Би-би-си“.
Изјавата на Јенс-Фредерик Нилсен на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен беше најсилната откако американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот план за анексија на Гренланд.
Белата куќа предложи купување на островот, но не ја исклучи употребата на сила за негова анексија.
Данска е членка на НАТО, а премиерката Мете Фредериксен предупреди дека употребата на воена сила би значела крај на трансатлантската одбранбена алијанса.
Иако е најретко населена територија, локацијата на Гренланд помеѓу Северна Америка и Арктикот го прави идеален за системи за рано предупредување во случај на ракетни напади и за следење на бродови во регионот.
Трамп постојано повторува дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност на САД, тврдејќи без докази дека е „покриен од руски и кинески бродови насекаде“.
САД веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во базата Питуфик на северозападниот врв на Гренланд, објект што САД го управуваат од Втората светска војна.
