Премиерката која го предводеше зачленувањето на Шведска во НАТО си поднесе оставка
Шведската социјалдемократска премиерка Магдалена Андерсон денеска поднесе оставка по поразот на парламентарните избори, на кои десничарскиот блок освои тесно мнозинство.
Андерсон се состана со Андреас Норлен, претседател на шведскиот парламент од 349 членови на Риксдаг, за официјално да ја предаде нејзината оставка.
Андерсон ќе остане вршител на должноста премиер до формирањето на новата влада.
Како што пренесува АП, Норлан се очекува да му даде мандат на умерениот од десниот центар Улф Кристерсон да се обиде да формира нова владина коалиција.
На парламентарните избори во Шведска, кои се одржаа во неделата, десничарскиот блок освои 176 пратенички места, додека блокот на левиот центар, предводен од социјалдемократите, освои 173 места.
По пребројувањето на 99 отсто од гласовите, лидерот на популистичката партија Шведски демократи, Џими Окесон, ја прогласи победата на десничарскиот блок составен од четири партии - умерените, шведските демократи, демохристијаните и либералите.
Андерсон поднесе оставка помалку од една година откако стана првата жена на чело на шведската влада.
Андерсон ја предводеше земјата во процесот на пристапување во НАТО алијансата и по рускиот напад врз Украина во февруари оваа година.
