„ПРЕКИНОТ НА ОГНОТ ЌЕ БИДЕ ПОДАРОК ЗА ТЕРОРИСТИТЕ“: Хилари Клинтон тврди дека Хамас така само ќе набави ново оружје
Одговарајќи на повиците на активистите кои повикаа на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон рече дека таков договор ќе биде „подарок“ за терористичката влада.
„Тоа не е можно. Луѓето кои сега повикуваат на прекин на огнот не го разбираат Хамас“, рече Клинтон, пренесе „Џерусалим пост“.
„Тоа би бил таков подарок за Хамас, бидејќи цело време кога имаше прекин на огнот, тие ќе го потрошат на обновување на оружјето, создавајќи посилни позиции за да можат да се спротивстават на евентуалниот напад од страна на Израелците“, смета Хилари Клинтон.
Израел влезе во четвртата недела од војната против Хамас откако терористичката група се инфилтрира во земјата на 7 октомври, истрелувајќи илјадници ракети врз станбени области и убивајќи цивили.
Досега од двете страни се убиени повеќе од 9.900 луѓе, меѓу кои најмалку 1.400 израелски цивили и војници и 32 Американци.
Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, тврди дека повеќе од 8.500 Палестинци се убиени во Газа и 111 на Западниот Брег.
