Преговори за мир во среда – последна шанса за Украина?
Лидерите на Русија, Украина, Германија и Франција се согласија да се состанат во Белорусија, во среда за да се обидат да постигнат мир во Украина, објави euractiv.com.
Во неделата четворицата одржаа телефонски разговор, откако минатата недела германскиот канцелар Ангела Меркел и претседателот на Франција Франсоа Оланд ги посетија Киев и Москва во обид да најдат ново дипломатско решение за престанок на конфликтот во источна Украина.
Во саботата Оланд предупреди дека ова е последна шанса за мир, а ако дипломатијата не помогне - ќе следи војна.
По телефонскиот разговор претседателот на Украина Петро Порошенко изјави дека има напредок и дека е охрабрен за новата средба во Минск. Според него таа ќе доведе до "брз и безусловен прекин на огнот", откако во последните недели бунтовниците во Донбас преминаа во офанзива, отфрлајќи го мировниот договор од ноември 2014 година.
Претседателот на Русија Владимир Путин во интервју за египетскиот државен весник предупреди дека Киев треба да ја прекине воената операција против проруски сепаратисти, како и да престане со економскиот притисок врз регионите, заземени од бунтовниците.
"Обидите на Киев да вршат економски притисок врз Донбас и да го нарушуваат секојдневниот живот само ја влошува ситуацијата. Тоа е ќорсокак, кој може да доведе до катастрофа ", изјави рускиот претседател.
Европскиот комесар Јоханес Хан сепак се надева на напредок на преговорите. Пред новинарите тој изрази уверување дека сите страни се свесни за потребата од изнаоѓање на решение на конфликтот. "Јас сум позитивно настроен. Се надевам дека во среда ќе имаме пробив. Сметам дека сигналите од сите земји се доста ветувачки. Според мене, сите партнери сфаќаат дека токму сега е времето да се најде решение ", рече Кан пред состанокот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ.
Во меѓувреме украинското воено министерство соопшти дека продолжуваат борбите во близина на стратешкиот град Дебалцево во источна Украина.
Во саботата Меркел изјави дека не е сигурно колку е можно да се дојде до договор со Владимир Путин, но истакна дека ќе бидат искористени сите дипломатски можности. Во неделата таа отпатува за Вашингтон за да се состане со американскиот претседател Барак Обама поради стравувањата на САД дека подготвувале договор, за што уште не се знае ништо, ќе биде на штета на Украина.
Според извори на Ројтерс Путин им предложил на Меркел и Оланд мировен договор од 9 страници, во кои се утврдени неприфатливи претстави, вклучувајќи и повлекување на украинските сили внатре во земјата. Истовремено Порошенко даде до знаење дека новиот договор треба да се базира на одредбите на претходниот документ потпишан во Минск.
Во последните 10 месеци во борбите загинаа повеќе од 5600 луѓе.
К.К
Слично
