ПРЕДИЗВИКА СИЛНИ ЕМОЦИИ: „Демонстрант во пламен“ е фотографија на годината
Роналдо Шмит, фотограф од агенцијата Франс прес ја доби наградата за фотографија на годината со маскираниот демонстрант во пламен од Венецуела.
Фотографијата е направена лани во главниот град на Венецуела, Каракас при насилните конфликти на интервентната полиција и демонстрантите против претседателот Николас Мадуро, и ја симболизира земјата во пламен. Таа предизвикува силни емоции, оценија судиите.
Шмит, кој живее во Мексико, за АФП ги следел протестите од мај 2017 година. Во еден момент, 28-годишниот Виктор Салазар и неговите пријатели се обиделе да уништат еден полициски мотор, но горивото експлодирало.
„Ја почувствував експлозијата позади грб, се свртев и почнав да сликам наслепо“- вели Шмит.
Фотографот вели дека наградата е „горчливо-слатка“. Тој е Венецуеланец, кој ја напуштил земјата пред 18 години. Вели дека има измешани емоции и знае низ што поминува неговата земја Венецуела.
