Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРЕДАДЕН ДОКУМЕНТ: Русија со нов план за Сирија!

ПРЕДАДЕН ДОКУМЕНТ: Русија со нов план за Сирија!

Русија предала документ со план за прекин на тековниот речиси 5 години конфликт во Сирија.

Москва нуди прифаќање на нов устав на Сирија во рамките на 18 месеци, кој ќе биде подложен на референдум, проследен со предвремени претседателски избори.

Во документот не се споменува сирискиот претседател Башар Асад да се повлече од функцијата за време на преодниот период - клучно барање на опозицијата. Само се споменува дека „претседателот на Сирија нема да ја предводи уставната комисија“.

Повиците се од специјалниот амбасадор на ОН, Стефан де Мистура да започне политички процес помеѓу сириската влада и „обединета делегација од опозициски групи“ врз основа на договореното од јуни 2012 година, усвоено од светските сили во Женева. Договорoт повикува на формирање на преодна влада во Сирија што ќе организира избори.

Рускиот заменик амбасадор во ОН, Владимир Сафронков кој изрази жалење дека документот протекол во јавниот простор, за АП изјави: „Ова е нашата визија- нашиот предлог“.

Тој додал дека Москва прифаќа и други предлози. „Тоа е само руски придонес, кон лансиран политички процес ... да ги натера земјите да работат, владата и опозицијата“, додал тој.

Документот беше откриен пред вториот круг преговори во Виена во саботата меѓу светските сили.

Британскиот амбасадор во ОН, Метју Рајкрофт истакнал дека за рускиот документ не е разговарано на состанокот на Советот за безбедност на организацијата во вторникот, но „ние сме запознаени со руските предлози“.

На преговорите во Виена на 30 октомври САД, Русија, Иран и други земји постигнаа согласност за иницирање на нови напори за изнаоѓање на мир во Сирија.

Рускиот документ насловен како „Пристап за решавање на сириската криза“, е фокусиран кон опозицијата и „терористичките групи“ и потребата од јасно разграничување.

Го повикаа Советот за безбедност на ОН да ја прогласи „Исламска држава“ за терористичка организација и да прифати дополнителна листа со терористички групи.

„Кога се разгледува прашањето за прекин на огнот во Сирија, операциите против „Исламска држава“ и други терористички групи не треба да бидат опфатени“, се истакнува во рускиот предлог.

Москва инсистира пред да започнат политичките преговори да се помират составот на делегацијата и опозицијата. Откако двете групи ќе се состанат под претседателството на ОН, тие мора да усогласат серија од чекори: започнување на уставни реформи во следните 18 месеци; формирање на уставна комисија; подложување нов предлог-устав на национални консултации и по нивно одобрување организирање на предвремени претседателски избори; одложување на парламентарните избори, планирани за пролетта 2016 година, и спроведување истовремено со претседателските избори врз основа на новиот устав; новиот претседател ќе биде врховен командант на вооружените сили на Сирија и ќе има контрола врз специјалните служби и надворешната политика.

Русија исто така нуди во разговорите да учествуваат: САД, Кина, Велика Британија, Франција, Саудиска Арабија, Турција, Иран, Египет, Јордан, Оман, Катар, ОАЕ, Ирак, Либан, Германија, Италија, ОН, Арапската лига, ЕУ и Организацијата за исламска соработка.

Слично

Поврзани вести