Економија, финансии, бизнис

Контакт

Позлатени ВЦ школки, кревети, статуи: Зошто диктаторите сакаат кич?

Позлатени ВЦ школки, кревети, статуи: Зошто диктаторите сакаат кич?
Позлатената ВЦ школка на Виктор Јанукович ја забавува јавноста во моменти кои воопшто не се забавни за украинската држава. Целиот свет на фотографии го виде луксузот во кој уживал разрешениот украински претседател. Неговата опседнатост со злато ги згрози Украинците, но нему му обезбеди место меѓу светските лидери на кои со растот на моќта им растела и малку болна желба за луксуз. Во украинската претседателска резиденција имало место за приватен хеликоптер и авион, над 70 автомобили и моторцикли, масивен брод. Но, тоа не е сè. Плажа со систем за греење, приватна бензинска пумпа, мала зоолошка градина, хелиодром, стаклена бавча со егзотични цвеќиња, гарнитура од крокодилска кожа, сауна, многу злато. По се изгледа дека Јанукович го обожава сјајниот вреден метал, но меѓу сите предмети се истакна златната ВЦ школка со која Јанукович постигна да го запаметат како еден од лидерите склони кон раскош и кон - кич. А такви има многу. Моамер Гадафи беше на чело на Либија долги 42 години. Откако беше симнат во власт во јавноста исто така се појавија фотографии од неговиот имот. Зоолошка градина, мурали, златен кревет во облик на сирена, златни пиштоли... Злато обожувал и Садам Хусеин. И тој го користел во неговото ВЦ. Така во неколкуте палати на ирачкиот диктатор биле позлатени славините и четката за чистење на ВЦ школката. Освен ова палатите биле преполни со кристални лустери, вештачки водопади и мермерни ѕидови. Сапармурат Нијазов бил на чело на Туркменистан од 1985 година до смртта во 2006. Љубовта кон луксузот тој ја доведе на едно сосема ново ниво, нарачувајќи златна статуа од - самиот себе. Поставена на механичка оска која се ротира за 360 степени за да може секогаш да биде свртен кон сонцето. Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак пред да биде соборен живеел исклучително луксузно. Огромна палата, флота млазни авиони, куќа за одмор на Црвено Море - ова беше само дел од богатството на Мубарак. Поранешниот севернокорејски диктатор Ким Јонг Ил имал 17 имоти и стотици автомобили, но често патувал со негова приватна железница, а милионите гладни во неговата земја не го спречуваа да ги користи своите шест луксузни возови и 19 железнички станици изградени само за негови потреби. Сепак ученикот го надмина учителот, па неговиот наследник, новиот севернокорејски лидер Ким Јонг Ун покажа дека може да троши дури и повеќе од неговиот татко. За само една година успеа да потроши неверојатни 716 милиони долари на пијано инструменти и луксузни автомобили, што е двојно повеќе од неговиот татко. Овие примери покажуваат дека со растот на моќта расте и желбата за богатство и луксуз. Но заради неа, некои завршуваат во затвор, некои се соборени, некои мора да бегаат, а некои остануваат долго време на власт. Но, во секој случај пред да купи златна ВЦ школка, човек треба добро да размисли дали еден ден ќе мора да ја замени со затворска.  
Слично

Поврзани вести