Повеќе од 1700 мигранти спасени крај брегот на Либија
Над 1700 мигранти биле спасени крај брегот на Либија само во текот на вчерашниот ден, пренесоа Франс прес, повикувајќи се на италијанската крајбрежна стража.
Италијанската крајбрежна стража и поморски сили спасиле заедно со европската мисија во Средоземното Море, вкупно 1725 мигранти крај бреговите на Либија вчера. Луѓето биле откриени на две бротчиња и 14 гумени чамци.
Со тоа вкупниот број на луѓето, спасени во Средоземното Море од неделата, надминува 14 000, забележува Франс прес. Само во понеделникот беше достигната рекордна бројка од 6500.
Ројтерс наведува дека приливот на мигранти кон јужното крајбрежје на Европа продолжува да се засилува.
Италија стана главна дестинација за бродовите со мигранти од Северна Африка за Европа, откако ЕУ склучи во март со Турција договор за ограничување на протокот кон Грција, забележуваат агенциите.
Околу 105 000 лица пристигнале во земјата од почетокот на годината до 26 август според податоците на Меѓународната организација за миграција - приближно колку во текот на истиот период лани. Тогаш италијанските власти регистрираа 116 149 пристигнати мигранти од јануари до август, потсетува Франс прес.
Речиси сите овие луѓе тргнале од Африка јужно од Сахара.
