ПОТРЕСНА ИСПОВЕД на таткото на удавените бегалци: „Човештвото потона, Европа занеме од срам“!
Вчерашната слика на безживотното тело на малиот Сириец, кој морето го исфрли на брегот на Турција, направи светот едноставно да замолчи. Тажно и трагично заврши животот на тригодишниот Ајлан Курди, како и неговиот две години постар брат Галип. Дечињата се удавија заедно со нивната мајка Рехан. Абдулах Курди, татко и маж, остана сам и скршен од болка.
Семејството Курди се наоѓаше на пренатрупаниот криумчарски брод кој се преврте на пат кон грчкиот остров Кос, во меѓународните води на Грција и Турција.
Фотографијата на малиот Ајлан, чие безживотно тело кое водата го исфрли на брегот на Бодрум, турски полицаец го носи во раце го прикажува целото страдање на бегалците од Блискиот исток, но и негрижата на поголемиот дел од Европа.
Фотографиите се проширија како молња на социјалните мрежи со ознака на Твитер #KiyihaVuranInsanlik - на турски во слободен превод „потона човечноста“.
-Мојата жена и моите ве момчиња повеќе ги нема ...Јас... не знам каде и што ќе правам. Жалам што не се удавив со нив - едвај зборувал Абдулах пред британските репортери.
Семејството Курди избегало од Кобане од ужасот кој го правеле припадниците на Исламската држава. Надежта за подобар и пред се помирен живот ги водела само во еден правец - кон Европа.
Алјан и Галип, кои родителите во последен момент ги извлекле од семејната куќа и качиле на криумчарскиот брод, биле само по тенки маички. Го понеле она што го имале на себе. Кога бродот се превртел во текот на ноќта, без спасувачки елеци, момчињата немале никакви шанси да преживеат.
На чамецот кој се превртел имало 17 лица, со двајцата мали и нивната мајка се удавиле уште 10 лица.
Нивниот татко Абдулах имал сестра во Ванкувер, Канада. Таа се обидувала да ги донесе кај неа, но канадските власти не и дозволиле. Затоа за семејството Курди постоел само еден избор - да се обратат кај криумчарите и да пробаат да дојдат до Европа.
Еден од патниците, Омер Мошин, вели дека платиле 2050 евра по лице, и дека на малите чамци се наоѓале 175 лица.
На бродот максимално може да се качат 10 лица. Ние бевме 15. Мојот брат Бакир се удави - рекол Омер.
За жал, ниеден од 12 чамци не успеал да дојде до брегот.
Алијан, Галип и останатите жртви од чамците се црн биланс на бегалците кои се удавија од повеќе од 2500, и тоа само во 2015 година.



