Постапка од 20 секунди: Кина почна со примена на првата аеросолна вакцина против ковид
Луѓето кои сакаат да се вакцинираат приближуваат кратка пумпа до устата, го вдишуваат лекот и го задржуваат здивот пет секунди.
Во средата Шангај почна да ја користи првата вдишлива вакцина против корона вирусот, а ќе има бесплатна засилувачка доза за луѓето кои веќе се вакцинирани, се вели во соопштението на кинеските здравствени власти, пренесе американската агенција АП.
Вакцинацијата против коронавирусот не е задолжителна во Кина, но властите сакаат што е можно повеќе луѓе да добијат дополнителни дози пред да се олеснат строгите ограничувања како мерки за борба против пандемијата, која ја забавува економијата во време кога во остатокот од светот се укинати повеќето мерки.
На видеото објавено од кинеските државни медиуми, може да се видат луѓе кои сакаат да се вакцинираат како држат кратка пумпа до устата, го вдишуваат лекот и го задржуваат здивот пет секунди.
Постапка од 20 секунди
Целосната процедура, според АП, трае 20 секунди.
Новата технолошка вакцина би можела да заштити од вирусот дури и пред да стигне до остатокот од респираторниот систем, иако тоа делумно ќе зависи од количината на изложеност на вирусот.
„Тоа е како да пиеш млеко“, вели еден жител на Шангај.
„Кога зедов здив, имаше сладок вкус“, раскажал друг.
Во септември, Кина ја одобри вакцината развиена од нејзината компанија CanSino Biologics како дополнителна доза.
фото: ЕПА
